Заев пред Вархеји: 16 години сме во чекалната на ЕУ, ама нема да преговараме за тоа кои сме
Република Северна Македонија беше првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Само 4 години подоцна станавме и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја добивме и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. И, еве не 16 години подоцна се уште сме во чекалната на ЕУ, рече премиерот Зоран Заев денеска на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“, кој заради пандемијата со КОВИД-19 се одржа онлајн.
На панелот зедоа учество и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија. Мојата земја била, е, и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома.
За жал овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, е ранлив. Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување на визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот, рече Заев.
Додаде и дека Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа.
„Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик, рече Заев.
Ден откако беше објавено дека Македонија не искористила одпомошта на ЕУ од Фондот за солидарност премиерот рече дека се заблагодарува за помошта која ни беше дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме заради кризата со КОВИД-19.
„Ковид кризата не забави, но нема да не запре. Мојата Влада има чист политички легитимитет потврден на парламентарни избори кои се одржаа пред нешто повеќе од 6 месеци и тој легитимитет ќе го впрегнеме во полна сила да работи за доброто на нашите граѓани. Остануваме отворени како и што сме биле до сега но нема да чекаме некој да ни каже каде треба да се подобриме. Доволно сме капацитетни да го направиме тоа сега и веднаш, рече Заев.
