Заев повторно спомена избори
Премиерот Зоран Заев на денешниот прв академски ден на универзитетите уште еднаш спомена најверојатни вонредни парламентарни избори, по синоќешната бројка на гласачи на референдумот која не обезбеди цензус за Спогодбата од Преспа.
Премиерот Заев е задоволен од исходот на гласањето и како што порача, Македонија треба да се движи напред а најавените избори треба да ги сменат состојбите на подобро.
„Вредно е да посветиме време и внимание и да и заштедиме време на Македонија. Процесите не можат да останат замрзнати, не можат да стојат во место и мора да се движат напред. Денеска е ден на сублимирање на сите анализи и веројатно од утре ќе почнеме со разговор. Изборите ќе ги сменат состојбите на подобро во функција на број на пратеници за гласањето на уставните промени“, порача Заев.
Синоќа Заев најави дека во следните денови ќе се испита ситуацијата дали може да се собере двотретинско мнозинство, а доколку не, ќе се искористи најкусиот можен законски рок од 45 дена за избори на 25 ноември.