Заев последен пат во јавност виден на Илинден, пет дена беснеат пожари
Премиерот Зоран Заев последен пат беше виден во јавност во понеделникот на националниот празник Илинден, кога по одбележувањето на Денот на републиката заедно со министерот за здравство Венко Филипче се упатија во Кочани на увид во справувањето со огнената стихија.
Од тогаш до денес, иако веќе петти ден по ред беснеат пожарите низ земјата, претседателот на Владата го нема да се појави со порака во јавноста. Владата последните седници ги одржува преку видеоконференциска врска. Претходно премиерот најави дека по празникот Илинден разгледува неколку дестинации за одмор, а и дека ќе му биде гостин на поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас.
Редакцијата на „Фактор“ испрати прашања до Владата уште во вторникот за тоа кога премиерот и останатите членови на Владата го планираат својот летен одмор и колку време би биле отсутни, но до сега од прес-службата за односи со јавност не ги добивме одговорите.
Во меѓувреме денеска реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека Заев и министрите се на одмор додека Македонија се соочува со катастрофа, загрозени се села и градови, горат илјадници хектари шуми, загрозени се животи и имоти на граѓаните.
„Оваа власт на Заев е ненародна, но ова веќе е бесрамно. Граѓаните се оставени сами да се борат со огнените стихии, додека половина влада вклучително и Заев уживаат на плажа. Три дена нема трага и глас од Зоран Заев. Неговата власт е одговорна што две години скапуваат во хангари авионите за гаснење на пожар. Неговата власт е виновна што надлежните институции не реагираа навреме пред пожарите да ескалираат. Се трошат пари за мебел, службени возила, повисоки хонорари и партиски вработувања, наместо да се обнови и зајакне капацитетот кој треба да ги штити граѓаните од пожари. Веќе никој не бара одговори од Заев, веќе од Заев и оваа власт се бара одговорност“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
