Заев по средбата со Мицкоски: За Ковачки прв пат слушам, да проверам прво кој е
Премиерот Зоран Заев по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека треба да се провери дали предлогот Драган Ковачки може да биде технички министер за внатрешни работи бидејќи, како што вели тој, пред да стапи на таа функција треба да биде одреден рок цивилно лице, а не да има статус на воено лице.
- Има доволно време да донесеме одлука до 3 јануари. Не сакам потоа јавноста да реагира дека сме одлучиле противуставно. Ова име прв пат го слушнав. Стручната јавност ја повикувам да го провери ова име кое доаѓа од одбраната и е воено лице. Да не ја доведеме ситуацијата да биде спротивно од Уставот за да не донесе Собранието некоја непријатна одлука, рече Заев.
Шефот на Владата додаде дека во понеделник ќе бидат познати и другите функционери од опозицијата кои треба да влезат во преодната власт пред парламентарните избори.
- Да не бидат само гонети или под обвинение. Јас немам ништо против името, но треба да се провери, додаде Заев.
Додаде дека предлогот за една изборна единици ќе продолжи да биде на дневен ред до 12 февруари.
- Разговаравме за можни варијанти да важат од следните парламентарни избори, но да ги гласаме. Веднаш после избори, да разговараме прво и со помалите политичќки партии. Имаме време и ќе остане актуелно прашањето, кажа тој.
