Заев: Нема поврзаност случајот Рашковски со Шекеринска
Премиерот Зоран Заев денеска рече дека притворот на поранешниот генерален секретар Драги Рашковски не е поврзан со одлуката на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, да не се кандидира повторно за функција во раководството во владеачката партија на изборниот конгрес во мај.
„Не можам никако да го поврзам случајот Рашковски со Шекеринска. На сите нас главна заложба ни е законот да важи за сите и да нема недопирливи“, рече Заев.
Тој додаде дека министерката за одбрана во моментов не е кандидат за амбасадор на испразнетата позиција во Вашингтон, затоа што како што вели, во моментов извршува сериозна функција.
„Радмила ми е заменик-претседател, за амбасадор немаме разговарано, таа е министер за одбрана, не е во ред, ниту е чесно да се разговара заради такви позиции.
Работиме секој ден на мал милион предизвици и има уште многу што да сработиме заедно, дури и само ако е член на СДСМ. Јас и Радмила се договоривме дека треба да го возобновиме раководството, да дадеме шански на други луѓе“, додаде Заев.
