Заев нема да си ја покачи платата како Харадинај
Македонскиот премиер има плата од околу 1500 евра, но како што посочува тој секој месец ја донира за хуманитарни цели. Таква беше неговата пракса и како градоначалник бидејќи сите пари што ги добиваше од раководење на општината ги префрлаше за донации.
Зоран Заев не планира да си ја покачи платата како македонски премиер и посочува дека одредени директори на агенции и државни претпријатија имаат плати и од над 2000 евра.
Овие коментари од премиерот Заев доаѓаат откако премиерот на Косово Рамуш Харадинај донел одлука да си ја дуплира платата од 1500 на дури 3000 евра. Тој одлуката пред косовските медиуми ја оправдуваше со тоа што морал да купува костими и вратоврски за сериозноста на функцијата и честите состаноци.
Граѓани на Приштина потоа во знак на револт излегоа на улиците и собираа кошули и вратоврски кои сакаа да му го донираат на премиерот Харадинај за да не троши премногу пари на гардероба.
