Заев: Некои ветувања не се реализирани
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање на трибината „На прав пат“ во Струмица рече дека до крај не се реализирани некои ветувања и можеби како што рече „не се сјајна власт и можеби некои функционери се дрски и безобразни, но проблемите се решаваат и се обезбедени пари за се“.
За следната година вети дека ќе има понатамошно зголемување на платите за повеќе професии од јавниот сектор, а рече дека во државниот буџет секогаш има пари за да се покријат сите трошоци.
- Вистински патриот е тој што си ја почитува својата историја, си ја вреднува и си ја чува, но гледа напред, ја користи за во иднината. Затоа што нема поважно од иднината на нашите деца и плус има пари за се во државата. Затоа има вистинска опција за овие избори-ако сме вистински патриоти, ако си ги сакаме своите деца и водиме грижа за нашата земја, нема да дозволиме земјата наша да скршне од правиот пат. Доста ни беа сокаци и криви патишта, рече Заев пред публиката.
Наведе дека очекува грешката на Советот на ЕУ за отпочнување на преговорите да се исправи час поскоро и нагласи дека само претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и, како што кажа, неговиот ментор Груевски се радувале на таа грешка.
- И додека прават тајни пактови и сценарија со трети страни, тврдат и веруваат дека Македонија ќе ја носеле на брза лента. Каде беше таа брза лента 11 години. Тие 11 години не беа пред сто години, беа пред 2,5 години 11-те години нивно владеење. Каде е или им беше расипана, или им беше на бавно ставена. Па на најбавно да им беше ставена за 11 години досега ќе бевме и членка на ЕУ и членка на НАТО, истакна Заев во слата „Парк“ во Струмица.
