Заев: Не постои само една историска вистина
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се обрати вчера вечер на Свечената академија по повод 70 години од основањето на Институтот за национална историја, која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
„Имам чувство дека сите ние вечерва сме дел од историјата на нашата државност, имајќи го предвид фактот дека Институтот е основан како прва научна установа во 1948 година во нововоспоставената држава во редот на народите на светот. Создавањето на нашата држава беше остварување на вековниот стремеж на граѓаните во Македонија за своја држава, а Институтот – прва научна установа која имаше за цел да ја истражува, проучува и да ја пишува нејзината историја. Силна е таа симболика и врска на Институтот со македонската државност“, истакна премиерот Заев во обраќањето пред присутните.
Воедно, тој рече дека ИНИ е и чувар на колективната меморија која им дава на луѓето чувство на припадност. Историскиот континуитет остварен во средиштето на Балканот, како крстопат на цивилизациите, на народот на овие простори му го дава и паметењето на сите епохи кои оставиле траги на оваа територија. Но, според премиерот Заев, инсистирањето на етничките, на верските и на јазичните разлики и непочитувањето на сличностите произлезени од одредени периоди од историјата, доведува до стереотипно сфаќање за посебноста на историјата на секој од народите поодделно. Затоа, според него, треба да остане отворена можноста историјата да се согледува не од статична, застарена позиција, која застапува само една и единствена историска вистина, туку да им овозможи дијалог на различните погледи со световите со кои се споделувало заедничкото минато.
