Заев: Не е решен опсегот и не е решено името за меѓународна употреба
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека постигнат е напредок за најголемиот дел од прашањата во спорот со името, а остануваат опсегот на употреба и името за меѓународна употреба.
За опсегот на употреба и грчкото барање за ерга омнес, Македонија е на став дека договореното име треба да биде само за меѓународна употреба без промена на Уставот, бидејќи домашната употреба на името нема никакво влијание врз Грција.
Точно е дека поголем дел од работите се решени и тоа, истакна, му дава право да верува дека има исчекор, но, посочи дека и тоа што е решено, може да се смета дека е договорено само ако има конечен договор.
„Би кажал само дека не е решен опсегот и не е решено името за меѓународна употреба. Многу сме блиску до решение што би требало да биде и потврдено во делот идентитетот и во делот на националноста и на јазикот. Мислам дека сме пред решение за овие прашања“- рече Заев.
За забелешките за иредентизам, Заев вели дека треба да се изнајдат формулации дека немаме територијални претензии, дека немаме намера да ја повредиме границата што не разграничува и дека немаме намера да се мешаме во наследството на Грција, истовремено и тие во нашето наследство.
Заев потврди дека референдум за името ќе има, а прашањето е дали ќе биде веднаш по евтуалниот договор или пред самиот влез на Македонија во НАТО или во ЕУ.
