Заев не е против етничка припадност во личните карти, но ЕУ не вели така
Не сме против етничка припадност во личните карти, но ЕУ вели тоа не е европска пракса, вели премиерот Зоран Заев.
Тој вели дека и неговата партија и натаму се со став дека е во ред да се даде можност за внесување графа за етничка припадност во личните карти. Додава дека тоа не може законски да се регулира.
„Ние дадовме поддршка за етничка графа во личните карти уште во фазата на уставните промени. Јасно го изразивме нашиот став дека немаме никаков проблем по ова прашање, но Европа јасно ни даде до знаење дека етничката припадност во личните карти не е европска пракса, а ние треба да ги почитуваме европските пракси. И не само тоа, туку најавија дека во август ќе има посебна регулатива токму за тоа“, изјави Заев.
Тој додаде дека денеска уште еднаш сака јавно да ја изрази поддршката за БЕСА како предлагач и дека стои зад тоа, но, потенцира, дефинитивно е невозможно да се најде решение во Собранието. Вели дека утре ќе се види со претседателот на БЕСА Билал Касами со кого ќе разговара за многу прашања меѓу кои и за ова.
