Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заев: Нашите мисли се исполнети со гордост што бевме современици на Блаже Конески

Заев: Нашите мисли се исполнети со гордост што бевме современици на Блаже Конески

Великаните не заминуваат никогаш, таков е и Блаже Конески, вели премиерот Зоран Заев. 

Премиерот порача дека денес никој не може да ја негира автентичноста  на македонскиот јазик. 

„Големината и значењето на животот и делото на Конески за македонскиот идентитет, за македонската национална култура, за македонскиот јазик го прават не само втемелен факт во историјата, туку и жив двигател на нашата сегашност во разни области – во науката за јазикот, во уметноста и силата на зборот, во моќта да го закрепнува нашето духовно самочувство кога ни остави завет да го чуваме јазикот, зашто јазикот е нашата татковина“, напиша Заев на годишнина од смртта на поетот Блаже Конески.
Наведува дека правописот на македонскиот јазик, чие прво издание беше објавено и потпишано од Блаже Конески и Крум Тошев, уште во мугрите на раѓањето на современата македонска држава во 1945 година, денеска, како најново и дополнето издание од плејада македонисти и ученици на Конески, е слободно достапен на сите граѓани како инструмент за унапредување на македонскиот јазик (www.pravopis.mk).
„И денеска, на денот кога во 1993 година со неговата смрт се заокружи едно големо, разновидно, доблесно и придвижувачко творештво, нашите мисли се исполнети со гордост што бевме современици на Блаже Конески“, пишува Заев.
Во монументалното дело на Конески, како што се наведува, се вградени и длабоки хуманистички идеали и научни достигнувања кои беа препознаени и од светската академска јавност, а светот им оддава признание и денес со впишувањето на 100 годишнината од неговото раѓање како настан за одбележување запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година.
Со полагање свежо цвеќе на споменикот пред ЦК „Марко Цепенков“, Прилеп, денеска е одбележа 27-годишнината од смртта на кодификаторот на македонскиот литературен јазик, поет, прозаист, литературен историчар, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и прв претседател на МАНУ, Блаже Конески.
Поетот е роден на 19 декември 1921 година во село Небрегово, а починал во Скопје, на 7 декември 1993 година.
Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела. 
Конески извршил широко влијание врз културно-општествената заедница, како во Македонија, така и на просторот на поранешна Југославија и во европски рамки.

Слично

Поврзани вести