Заев на трибина: Ми постелија црвен тепих во Лондон, Берлин, Брисел, Варшава....
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска на трибина во Гази Баба во рамките на кампањата за референдумот на 30 септември за прифаќање на Спогодбата од Преспа ги повика граѓаните да излезат и гласаат за „да не се посрамиме пред сите европски лидери кои деновиве доаѓаат во Македонија за да ни дадат поддршка.
- Да не испадне после да се посрамиме и да ги веднеме главите пред големите политичари. Да не ги изневериме и да не ја изгубиме нивната голема почит која сега ја имаат пред нас. Погледнете, на македонскиот премиер му постилаат црвен тепих на секаде....Во Лондон, Берлин, Брисел, Варшава - рече Заев во скопската општина.
Додаде дека гласањето сака да биде консензуално, односно да излезат граѓаните припадници и симпатизери на сите политички партии, бидејќи никој досега не го убедил дека има подобро решение.
- Напијте се кафе од сабајле, да се дотерате во најубавите облеки и откако ќе гласате да си додјете дома и да си ги бакнете најблиските - рече Заев.
