Заев: На пиар работат 39 луѓе, но и од нив ќе останат многу помалку
Премиерот Зоран Заев денеска ги отфрли информациите кои се проширија во јавноста дека Владата досега има ангажирано 120 лица за пиар.
Заев вели дека се работи за вкупно 39 луѓе кои асистираат буквално заради транспарентноста на работењето на Владата, но и од нив, како што рече, ќе останат многу помалку.
„Водиме сметка за домаќинско работење, гледаме со минимум ресурси да го испорачаме пред граѓаните се она што треба. Никојпат нема да зборавиме дека транспарентноста е важна работа. Залудно е се што работиме, ако граѓаните за тоа не знаат. Ако граѓаните и вие медиумите не нè контролирате, може секој да забега и на крајот да ни се повторат работите од минатото за кои ниту ние, ниту граѓаните очекуваме да се случат“ - вели Заев.
За предупредувањето од Брисел дека треба да се намали или да се внимава на Секторот за односи со јавност, премиерот одговори дека Владата ги почитува сите препораки.
