Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заев на Денот на независноста ја повика опозицијата да ги напушти партиските интереси и да покаже државничко однесување

Заев на Денот на независноста ја повика опозицијата да ги напушти партиските интереси и да покаже државничко однесување

На централната свеченост  на платото пред зградата на Владата, каде повеќе личности испратија видео-порака која беше пренесена на видео бим, во која ги дадоа своите размислувања за Денот на независноста, премиерот Зоран Заев истакна дека никогаш нема да го заборави денот кога пред 29 години, граѓаните се изјазнија за самостојна, суверена и независна држава. 

- Засекогаш ми се врежани во глава сликите од прославата на Плоштадот Македонија и зборовите со кои претседателот Глигоров ни ја честиташе државата. И татнежот на македонската химна. Најубавата химна на светот. Пред 29 години, на 8 септември, граѓаните на Република Македонија, на сите идни поколенија на оваа земја, им го дадоа најголемиот подарок - Независноста на државата. Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни.
Токму нам, на сегашните генерации ни припадна привилегијата, но и одговорноста да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава, затоа што државата и општеството се независни и слободни толку колку што е независен и слободен секој граѓанин на Северна Македонија, истакна премиерот Заев.

Тој истовремено во неговиот говор потенцираше дека во сиве овие години на патот во независноста државата се соочи со големи предизвици и турбуленци, но како што рече, огромното мнозинство граѓани тогаш застанаа заедно.

-Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и другите, го сочуваа мирот во земјата. Токму затоа, 8 Септември - Денот на независноста, останува запаметен и како ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите. Првите години на нашата независност беа проследени и со драматични моменти и кризи. Таков беше и конфликтот од 2001 година, кој заврши со Охридскиот рамковен договор. Договор со кој, сите вклучени фактори со помош на меѓународната заедница, презедоа одговорност во име на заедничката иднина. Денес, нашата држава има сосема извесна европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото.  Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите, рече Заев.

Во неговиот говор посебно нагласи дека сега доаѓа време на ред, правда и дисциплина, а новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа.

-Ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес, кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните. Ја извадивме државата на прав пат и сега започнува периодот на најинтензивната македонска европеизација. Приклучете се, успехот ќе биде многу поголем ако секој граѓанин даде свој автентичен придонес. Дајте свој белег на македонскиот успех. Секој од вас е важен и потребен. Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер. Во таа насока ја повикувам опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување. Ја имаме неповторливата можност Северна Македонија да седне на своето столче на масата на европските држави, истакна премиерот Заев во обраќајќи се до јавноста.

А.Б.

Слично

Поврзани вести