Заев: Моравме да прифатиме ПЈРМ за да не бидеме „ничија земја“
Премиерот Зоран Заев со статус на социјалните мрежи потсети дека денеска Македонија беше примена како земја членка на ОН при што била доведена во ситуација да ја прифати референцата ПЈРМ за да призната како меѓународен субјект и да не биде подложена на поделби во, како што вели тој, еден опасен период на Балканот.
„На денешен ден, 8 април 1993 година, нашата земја беше примена како членка на Обединетите Нации под референцата ПЈРМ (FYROM).
На тој ден, тогашниот Претседател Глигоров одржа историски говор, за прв пат на македонски јазик во Генералното собрание на ОН, а на Ист Ривер се развеа македонското знаме, со што нашата земја стана полноправна членка на ОН.
Со тој потег, како земја членка на ОН, нашата држава беше ставена во зоната на безбедност додека не се реши прашањето за името. Ако не беше така, ако го добиевме белегот „ничија земја", без принципите на суверена држава во ОН, нашата иднина ќе беше изложена на крајна неизвесност, во период кога војните и национализмите беснееа на Балканот“, напиша Заев.
За денеска вели дека е сочуван територијален интегритет, национален идентитет и достоинство и во меќувреме земјата го решила спорот со Грција и отпочнала да пишува нова страна во својата историја.
„Денеска е убав ден да се потсетиме дека ПЈРМ (FYROM) замина неповратно во историјата. Убав ден да порачаме уште еднаш: Збогум ПЈРМ, за многу години Република Северна Македонија!
За многу години за земјата на Македонците и нашите сограѓани Албанци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци, Власи на сите други.
Земја на македонскиот јазик и на јазиците на сите заедници кои живеат тука.
Земја за која 29 членки на НАТО го потпишуваат Протоколот за пристапување за полноправно членство во Алијансата.
Држава која е пред почетокот на отворањето на поглавјата за членство во економски најмоќната заедница - ЕУ.
Модел за општество кое е еднакво за сите нејзини граѓани и лидер во промоцијата на добрососедството, регионалниот и глобалниот развој“, додаде премиерот.
