Заев: Mора да се знае целата вистина за „Монструм“, „Диво насеље“, за сообраќајката на Никола Младенов
Премиерот Зоран Заев вели дека ако сакаме да бидеме нормална и сериозна земја, а не некаква творба тогаш мора да се знае целата вистина за „Монструм“, „Диво насеље“, за сообраќајката на Никола Младенов и за други случаи кои што се случувале во минатото.
Ова синоќа го изјави премиерот Заев во интервју за емисијата „Патот кон“ на „Алсат-М“.
Заев вели дека мора да има меѓународен експерт кој независно ќе ја соопшти вистината за случувањата во кумановско Диво насеље од 9 и 10 мај 2015 година и дека меѓународната истрага за овој случај е дел од програмата на Владата.
„Притоа мора да имаме предвид дека судските процеси течат, ние не смееме да ја нарушиме назвисноста на судството. Меѓународната истрага може да биде разнолика, може да поканиме еден правник, експерт од меѓународната заедница, од Европската Унија кој што ќе го следи целиот процес“– рече Заев.
Тој вели дека „сите видовме што се случува“ во Диво насеље, и дека има многу неодговорени прашања.
