Заев: Moра да има одговор на сите прашања за „Сопот“, „Смилковско езеро“, „Дива населба“, „Никола Младенов“
Премиерот Зоран Заев вели дека Mакедонија не може да каже дека е нормална држава ако продолжи да живее во мистерија преку случаите како што се „Сопот“, „Смилковско езеро“, „Дива населба“, „Никола Младенов“.
Мора да има одговор на сите прашања, граѓаните тоа го бараат и Владата тоа ќе им го обезбеди, изјави денеска премиерот Заев одговорајќи на прашањето на пратеникот од БЕСА, Африм Гаши.
Заев рече дека се бара меѓународна истрага затоа што е преисполитизирано општеството. Суштината е, напомена, како да се обезбеди меѓународна истрага за граѓаните да ја знаат вистината. „Додека не се врати комплетната доверба во институциите, особено судството, дотогаш и ние во Владата ќе пишуваме дека за одредени случаи ќе спровдуваме меѓународна истрага која се надеваме ќе им ги даде на граѓаните одговорите на прашањата. Граѓаните сакаат да знаат што се случило, зошто се случило, кои биле причините. Ако тоа Македонија го направи, ќе ја заврши работата пред граѓаните. Убеден сум дека Македонија се движи кон такво време и дека граѓаните ќе ги добијат одговорите на сите прашања“ - вели Заев. Заев вели дека граѓаните не коментираат за висината на казните, туку бараат одговори: дали е убиен Никола Младенов, зошто влегле во Куманово, кој им дал простор, дали некој ги излажал да дејствуваат во многу чувствително време.
