Заев: Младите со храброста ги најавија промените, сега ќе ја градиме иднината
Зоран Заев на летниот камп кој секоја година традиционално се одржува во Охрид во организација на СДММ на младите сопартијци им порача дека токму тие се движечката сила на промените во Македонија и дека само заедно може да создадат подобра иднина.

„Со нашата креативност, мудрост и знаење заедно ќе одржиме лекција дека Македонија може да биде едно среќно и поперспективно место за живот за сите граѓани, а посебно за младите. Животот е нашето мото, им го ветивме на граѓаните и сега наша должност е тие да го почувствуваат и да го конзумираат од позитивен аспект секојдневно.“ порача претседателот Заев.
Една од повеќето пораки што претседателот Заев ги упати кон младите луѓе од СДММ е дека преку градење на сојузи и пријателства, со подадена рака секому, преку инклузивен процес на вклученост на сите може да се понесе големата одговорност исправена пред СДСМ и младите социјалдемократи од СДММ во насока на градење на иднина која ќе значи економско подобрување на животот на граѓаните.
„Денеска на седница на влада го донесовме ребалансот на буџетот за 2017. Го отстранивме непродуктивното трошење проектирано од претходната власт. Така направивме заштеди и успеавме да вградивме авангардни политики од програмата на новата влада односно од програмата „План за живот во Македонија. Од први септември ќе ја стартуваме „Младинската гаранција“. Вкупно 500 милиони денари, или безмалку 9 милиони евра собрани од даноците на граѓаните односно буџетски пари ќе бидат наменети за оваа цел. Тоа во најголем дел се работни места за младите, финансирани од државата, а отворени од приватниот сектор. Тоа исто значи до-едукација или до-образување, да го продолжат своето образование во делот на магистратурите или докторатите, или да одберат тренинг и пракса за да можат да најдат постабилна, потрајна и подобро платена работа после завршувањето на високото образование.“ истакна претседателот Заев.
