Заев: Конте ќе ми даде информации од прва рака
Премиерот Зоран Заев денеска пред медиумите изјави дека на денешната средба во Рим со шефот на италијанската Влада, Џузепе Конте, ќе биде информиран за тоа дали Европската Унија планира во блиска иднина да биде активна на полето на проширување и за тоа каква е замислата за методологијата на преговори која ја планира францускиот претседател Емануел Макрон.
- Кај италијанскиот премиер Конте ќе добијам информација од прва рака за идните планови на Европската Унија. Истовремено ќе добијам претстава за тоа каква ќе биде методологијата која ја замислува Франција. Ќе истакнам дека алтернативи во замена за проширувањето за нас се неприфатливи. Пријателска Франција ќе осознае дека за нас нема алтернатива, рече Заев денеска при посетата на реновиран кат на Клиниката за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Премиерот Зоран Заев денеска ќе оствари средба во Рим со шефот на италијанската Влада, Џузепе Конте. Заев е поканет од италијанскиот премиер уште пред една недела затоа што Италија сака повторно да го отвори прашањето за проширување на ЕУ по фијаското во Брисел.
Италијанскиот премиер, како што наведуваат медиумите, сака „да ја исправи неправдата која ЕУ им ја нанесе на Македонија и Албанија со неодредувањето на датумот за преговори на Самитот во Брисел, и му упатил покана на Заев да се сретнат пред Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), најавен за 19 ноември.Заев потврди дека со Конте ќе разговараат за проширувањето откако италијанскиот премиер, по состанокот на европските лидери во Брисел на кој не беше донесена одлука за старт на преговрите со Скопје и Тирана, оцени дека тоа е историска грешка.
Предвидено е по состанокот со Конте тој да замине во Брисел на проштална вечера на Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика. Заев денеска додаде дека и од таму ќе добие информации за процесот на прошурување и каква ќе биде неговата иднина.
