Заев ќе го тужи Мицкоски?
Можно е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да „заработи“ тужба од премиерот Зоран Заев по навредите упатени кон него синоќа на прес-конференција.
Заев денеска по средбата со претседателот на БЕСА, Билал Касами кажа дека ќе се консултира со адвокати дали да го тужи Мицкоски за обвинувањата кои ги искажал.
„Ќе кажам забегана работа, затоа што се претера со зборовите кои се употребуваат. Јас сум бил во притвори, со одземени пасоши, сум објавувал политички бомби, но сум внимавал на зборовите што ги користам. Ќе ги консултирам моите правни советници дали треба да го тужам затоа што иницира за обиди за убиство, зборува за некаква жестокост, тоа што го зборува, зборува за него, но тоа е најблаго кажано забегано“, вели Заев.
Мицкоски по приведувањето на екс спикерот Трајко Вељановски, и поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески одржа прес-конференција на која Заев го нарeче деспот.
„Институциите на чие чело е деспотот, деспотот Заев, се разнишани. Апси, можеш и да нарачуваш убиства, но, едно да знаеш нема да ти се исплашиме и ќе те поразиме“, рече Мицкоски.
СДСМ знае дека паѓа и сакаат да внесат страв, да го деморализираат ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните на Република Македонија, изјави Мицкоски.
