Заев ќе го поддржи Шилегов: ДУИ со изненадување, а премиерот и скопскиот градоначалник на заеднички настан во ист ден
Иако официјалните листи за кандидати за градоначалници СДСМ ги најави за крајот на август или почетокот на септември, се очекува премиерот Зоран Заев и порано да му даде поддршка и да најави дека Петре Шилегов повторно ќе се трка за градоначалничката позиција во Скопје. Иако еднаш веќе рече дека Шилегов ќе биде изборот работите сега малку се поместија откако почна да се зборува дека СДСМ и ДУИ на локалните избори годинава ќе имаат заеднички кандидат Албанец. За „убавата“ вест која се најавуваше за денеска од ДУИ уште нема конкретни детали, но Заев и Шилегов вчера се обидоа да уверат дека тоа не е заеднички кандидат за Скопје. И секако денеска, во ист ден кога треба да биде изненадувањето кое на големо ја најавува ДУИ, на заеднички настан се скопскиот градоначалник Шилегов и премиерот Заев.
Имено тие по повод Светскиот ден на заштита на животната средина ќе учествувале на акцијата на Град Скопје со која се чисти поранешниот полигон за обука на возачи под Скопското Кале, каде што ќе се отстрануваат дивите депонии и ќе се засадуваат нови садници.
Појавувањето на кое ќе има изјави најверојатно ќе ја расчисти целосно дилемата.
Заев и вчера тврдеше дека нема да има заеднички кандидат ниту пак се разговарало воопшто за тоа
„Не, не се работи, за тоа, се работи за нешто кое што претставува модернизација на нашиот коалиционен партнер и логично е да оставам за деталите да зборуваат тие, а секако е во духот на тоа што го работиме како Влада. Ќе ги видите деталите како што ги презентиравме нашите промени . Воопшто не е разговарано за таква работа, за заеднички кандидат или за компензации или нешто слично. Не. Се работи за платформа политичка, перспективи, иднина и така натаму“, истакна Заев.
Ахмети завчера рече дека в сабота ќе соопшти изненадување.
„На 5-ти јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“, но и за оваа платформа ќе има голема дебата, но да оставиме за 5-ти јуни“, посочи Ахмети.
Вчера Шилегов рече дека на претстојните локални избори планира повторно да се кандидира за градоначалник и дека очекува да победи. Тој рече дека во неколку наврати има истакнато дека планира втора кандидатура и дека околу тоа нема никаква промена. „Останувам на истата позиција и пред започнување на
шпекулациите. Впрочем, утре ќе се расчистат тие шпекулации и ќе видите дека не
станува збор за градоначалник“, рече вчера Шилегов.
