Заев ќе добие од Џафери редовни седници за планот 3-6-9 во Собрание
Барањето на премиерот Зоран Заев за одржување на редовни седници во Собранието на кои пратениците ќе може да поставуваат прашања за реформскиот план 3-6-9 ќе биде исполнето. Собранискиот спикер за да ја зголеми надзорната функција на пратениците ќе ги закажува посебните седници.
„Собранието во Деловникот го има регулирано прашањето на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, Ве уверувам ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Парламентарните партии, на координација ќе го усвојат заклучокот кој ќе биде изготвен од работната група раководена од моја страна, искуствата од примената на заклучокот ќе бидат преточени во Деловникот на Собранието.
Убеден сум дека во изнаоѓањето на решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата“-пишува во одговорот на спикерот Талат Џафери, на писмото упатено од Премиерот Зоран Заев, во кое тој побара ваков термин за да одговара на пратенички прашања еден час неделно на тема евроинтеграции и планот 3-6-9.
Собранието на Република Македонија било и секогаш ќе биде дом на демократијата, отвореноста, спротивставените мислења и ставови се основата за градење и зајакнување на демократијата во Република Македонија. Законодавната власт и извршната власт се нераскинливо поврзани во остварувњето на потребите на граѓаните и правните субјекти, градењето на реформски чекори, целосното почитување на слободите и правата, владеењето на правото и правната држава целосно ќе ги реализира евроатланските перспективи на Република Македонија“- се вели во одговорот на Џафери.
