Заев ќе биде покровител на 75-годишнината од АСНОМ
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска пред борците од НОБ изјави дека го прифаќа предлогот да биде покровител на државното одбележување на 75-годишнината од АСНОМ и и на 70 годишнината од основањето на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, која со пригодни настани ќе се одбележи идната година
Заев рече дела постојат лажни вести и искривени толкувања кои манипулираат дека АСНОМ ќе се избрише од Уставот. Тој додаде дека АСНОМ ќе се споменува два пати со измените на УСтавот на РМ
„Вистината е дека АСНОМ не само што не се брише во Преамбулата, туку напротив, АСНОМ сега ќе се спомнува два пати. Со предложениот амандман со делот за АСНОМ се појаснува дека во Преамбулата на Уставот отсега, наместо на манифестот, ќе се повикуваме на правните решенија кои се содржани во Прогласот на АСНОМ како каталог на правните решенија кои се темел на нашата државност. Со тоа, да подвлечам, местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција со новиот предложен амандман е потврдено и засилено“, информираше премиерот Заев на дебатата со борците од НОВ.
Договорот со Република Грција е Договор за македонската иднина и најдобра и фер шанса за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ, за да станеме членка на семејствата кои уживаат силен економски развој, рече премиерот Заев.
„Кога ќе стоиме пред јарболот на кое ќе се издига македонското знаме - ќе стоиме гордо, зашто со Договорот химната, грбот и знамето остануваат засекогаш, и зашто Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија, јазикот, народот со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство. Договорот го потврдува државјанството како македонско, сега и во иднина, засекогаш, а кодовите МК - МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови за нашата земја“, потенцираше премиерот Заев.
