Заев: Казната за директорката на МНТ е санкција според правилник
Премиерот Зоран Заев рече дека директорката на Македонскиот народен театар не ја формализирала фамозната прослава на „Шверцерите“, односно на ФК „Шкупи“ и затоа Владата одлучила да и биде изречена казна со намалување на платата за 15 проценти во траење од 3 месеци.
- Одлуката е комплексна и се работи за насоки од Владата кон Министерот за култура. Првенствено одлуката е да се надомести штетата. Потоа станува збор директорката, за комуникација која не ја формализирала. Владата изрази јасна волја дека мора да има санкции, а одлуката за дисциплинската мерка е на Министерството за култура за непроцедурални постапувања. Санкцијата не е заради некој да зема помалку или повеќе плата, туку да не се повтори истото тоа. Постојат правилници за наградување и санкционирање во јавната администрација. Се знае согласно во кои ситуации и на кое ниво се постапува и согласно тоа Владата ја даде својата препорака, рече денеска Заев пред новинарите.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски наведе дека, кога станува збор за штетата, таа може да се надомести на два начини.
- По утврдувањето на материјалната штета ќе се спроведат постапки - или спогодбено и договорно ќе се надомести таа штета или ќе се поведе граѓанска постапка, рече Спасовски.
