Заев ја затвори вратата за одложување: Пописот дефинитивно во април
Премиерот Зоран Заев денеска рече дека пописот на населението дефинитивно ќе се одржи од 1 до 21 април. Претходно беше оставен простор за евентуално одложување за краток период, но владиниот претседател вели дека рокот сега е забетониран.
- Девет години дебатираме за попис, дебатата за одложување на пописот заврши. Тој ќе даде одговори кои се толку многу важни. Ќе се одржи од 1 до 21 април. Методологијата е веќе објавена. Обврска на секој граѓанин е да се потпише, има сериозни санкции за одбивањето и недавањето одговори. Тоа е граѓанска обврска. Ги повикувам сите сериозно да пристапиме кон оваа статистичка операција и да ја исполниме нашата граѓанска должност, рече Заев на денешната прес-конференција.
Тој очекува следната недела да има средба помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија - Бујар Османи и Екатерина Захариева, за да го дефинираат терминот за првата меѓувладина конференција.
За кинеската вакцина рече дека е во постапка на договарање и регулирање, а ветувањето е дека дека до крајот на февруари ќе пристигнат.
Додаде дека утре Владата на редовната седница најверојатно ќе донесе одлука за петиот пакет на економски мерки.
