ЗАЕВ ЈА ПОТВРДИ ИНФОРМАЦИЈАТА НА ФАКТОР: Бројчаникот се поставува деновиве
Откако Фактор ја објави веста дека фамозниот бројчаник кој ќе врти на Триумфалната капија ќе се постави деновиве и премиерот го потврди истото.
Одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се постави бројчаникот премиерот Заев рече дека тоа е ветување кое го дал додека беше во опозиција и дека ќе се исполни многу скоро.
Заев и денес уште еднаш кажа дека бројчаникот ќе го финансира тој, односно дека ќе го плати со пари од свој џеб и ќе го донира на Министерството за култура.
„Бројчаникот ќе се постави деновиве ако се завршат правните формални апсекти а бидејќи во буџетот на владата нема такви пари бројчаникот приватно го плаќам од мои пари. Како трајно добро бројчаникот ќе остане на Министерството за култура и институцијата која е сопственик на портата каде ќе биде поставен“, истакна премиерот додавајќи дека истиот ќе врти како што ќе се носат судските пресуди и како што институциите од областа на фининсиските истраги ќе ги инкасираат вратените пари кои биле земени од буџетот, како надомест на штета.
Колку за потсетување на 22 ноември 2016 година, во предизборието за предвремените парламентарни избори (декември 2016), тогашниот претседателот на СДСМ Зоран Заев и во тоа време лидер на опозицијата, на партискиот митинг во скопската општина Аеродром вети дека украдените народни пари ќе бидат вратени назад на државата и дека тоа ќе го регистрира бројчаник поставен на „Порта Македонија“ во Скопје.
