Заев искоментира зошто е разрешен Ваљон Беља
Премиерот Зоран Заев денеска го искоментира разрешувањето на економскиот директор на Клиниката за Гинекологија, Ваљон Беља кое се случи деновиве.
Заев денеска изјави дека Беља „тропа глупости“. Рече дека тој е меѓу оние директори кои биле дел од дебатата за промени.
„Тој веројатно кога слушна дека ќе биде променет истапи со вакви работи. Делот со индиции за одредени криминални дела истражните органи треба да го проверат, почнувајќи од Зоран Заев па натаму по хиерархија на извршната власт. Суштината да вака настапи директорот беше тоа што му беше соопштено од неговите дека ќе биде разрешен и тој тргна по тој пат. Затоа се случи одлуката на министерот веднаш да биде разрешен затоа што со соопштување на одлуката и неговиот начин на прифаќање на таа одлука, да тргне во тој правец, дефинитивно може да направи непоправливи штети, не заради тоа што ќе зборува за одредени работи, туку заради тоа што тропа глупости од секој можен аспект. Не можеме да дозволиме никој да игра играчки со институциии и со позицијата на која бил поставен“ – вели Заев.
Беља е разрешен пред два дена откако преку својот Фејсбук профил ја обвини директорката на Гинекологија, Викторија Јовановска, дека е одговорна за незаконски јавни набавки и дека фаворизирала компанија која врши лабораторски тестови. Тој се закани дека за случајот ќе го информира Јавното обвинителство.
