Заев: Има можности мандатот на СЈО да се продолжи
Премиерот Заев при денешното сведочење во СЈО откри дека и натаму останува посветен на изнаоѓање начин за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство во кој ќе може да поднесува обвиненија и да ги комплетира истрагите.
- Постојат начини, тоа е Парламентот преку две третини, постои можност Уставниот суд да ги разгледа можностите, постои можност за инкорпорирање на СЈО како посебно одделение во државното Јавно обвинителство, а постојат и други алтернативи. Знам дека ќе сторам се во делокругот на моите надлежности СЈО да ја заврши работата за која што е основано избрано и потврдено со консензус во РМ, изјави Заев.
Коментарот за опфатеноста на истрагите, како што рече Заев, треба да го даде СЈО. Законот, потенцира, мора да важи еднакво за сите.
- Тоа значи ако Зоран Заев е индикативен и за него постојат сомневања, докази и индиции треба да биде отворена истрага. Против кој било член на СДСМ, која било опозициска партија, а согласно тоа и против секој што индикативно е поставен во делот на можно кршење на Законот, треба да се отвори истрага, рече Заев.
По завршување на рокот за нови истраги и поднесување обвиненија СЈО ќе има на располагање 5 години за докажување на случаите во судските постапки.
