Заев и Мицкоски во клинч за Гоце Делчев
Гоце Делчев е борец за социјална правда, додека Христијан Мицкоски е бранител на криминал и неправда, напиша вчера вечерта на социјалнитре мрежи, премиерот Зоран Заев откако претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави протестен марш во вторник.
„Делчев е борец за социјална правда, а Мицкоски е бранител на криминал и неправда. Тие двајца никако не одат заедно. Тоа на Мицкоски му го порачаа и граѓаните на Делчево каде ВМРО-ДПМНЕ изгуби со повеќе од 1.000 гласови разлика на последните избори“, пишува Заев.
Претходно Мицкоски потсети на изјавата на Красимир Каракачанов, бугарскиот министер за одбрана кој рече дека Бугарија може да го блокира ЕУ патот на Македонија ако не се решат историските прашања.
„Владата преговара за Делчев, а очите на јавноста се далеку од тоа што за нашата земја е суштински важно. Нашите историчари заслужуваат поддршка, затоа што Гоце е столбот на македонизмот, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук-профил и најави протест во вторник.
Маршот ќе почне од Министерството за правда, па ќе продолжи по мостот „Гоце Делчев”, за да заврши пред Министерството за надворешни работи.
