Заев и Димитров го искоментираа Каракачанов кој во „Санстефанска Бугарија“ ја смести Македонија
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров му одговорија на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Заев објавата на Каракачанов ја нарече „пенал“.
„Договорот за пријателство и соработка покажува дека немаме територијални претензии. Сето ова е предизборен фолклор и секоја наша друга реакција е влегување во изборите на Република Бугарија“, рече Заев.
Димитров се воздржа од детално анализирање на изјавата на Каракачанов и рече дека се работи за предизборен фолклор.„Колку е поголема реакцијата, толку е поголем ефектот таму, и можеби тоа е и идејата. Но, принципиелно и со најумерени зборови ќе кажам, дека треба да сме внимателни во тоа што зборуваме и што објавувааме и треба да избегнуваме објави кои наликуваат на територијални претензии и се против Договорот за пријателство, ние сме земји – членки на НАТО, така што во однос на овие цели да се гледа помалку на денот, а повеќе на долг рок“, вели Димитров.
Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се огласи со реакција откако вчера вицепремиеорт на Бугарија, Красимир Каракачанов, објави честитка за 8 Март со географска карта од „Санстефанска Бугарија“ во која е опфатена и територијата на денешна Македонија. „Претседателот Пендаровски, во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи. Ваквите постапки се во спротивност на основните принципи и вредности на НАТО Алијансата во која и двете држави се рамноправни членки.“, се вели во реакцијата на шефот на државата. Неизвесно е дали партијата на Каракачанов ќе влезе во новиот бугарски собраниски состав.
