Заев: Груевски рече дека е спремен да се жртвува со затвор за другите, а сега ги остави на цедило
Каков кукавица е тој кој вели дека бил спремен да се ѓртвува за другите, да оди в затвор, за другите да не им фали ништо, а сега избега. рече премиерот Зоран Заев на денешна владина седница, коментирајќи го бегството на екс-шефот на државата Никола Груевски во Унгарија.
- Се работи за конечна одлука за осуден криминалец. Помеѓу двете наши земји постои пријателски однос. Според меѓународното право, по сите стандарди, унгарија треба да го испорача. Министерот за внатрешни работи на Унгарија се слушна телефонски со нашиот министер Оливер Спасовски за да го праша за што е осуден. Веќе се направени првите контакти - рече Заев.
Тој вели дека Владата и МВР не се виновни за бегството на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и дека се одело до таму до каде што се можело.
- Логично беше дека се чека упатниот акт за да биде спроведен. Без тоа МВР не може ништо да направи. Груевски редовно одеше на седниците на Собранието, тука беше. Не треба да правиме ништо повеќе од што пропишува законот. Ќе делуваше мошне нечовечки. МВР во овој случај не смееше да направи нешто повеќе - смета Заев.
Премиерот додаде дека полицијата во никој случај при потрагата на Груевски не се однесувала непријателски кон ВМРО-ДПМНЕ.
- Немаше налог за влез во политичка партија и никој немаше намера да направи такво нешто. МВР постапи согласно законот. Распишавме меѓународна потерница, бараме Груевски да биде екстрадиран. Очекуваме Унгарија да не ги третира криминалците. Пропусти нема направено ниту една владина институција - додаде тој.
