Заев го потсети премиерот на Франција за ветувањето на Европскиот совет
Францускиот премиер Едуар Филип се сретна со шефот на македонската Влада, Зоран Заев, на билатерална средба во рамки на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Познањ, Полска, и му даде поддршка за продолжување на зацртаните реформи за владеењето на правото.
Како што соопшти прес-слуќбата на Владата, нагласен бил и заедничкиот интерес што го делат Франција и Северна Македонија да работат на продлабочување на билатералните односи и на економската соработка и упати честитки за Договорот од Преспа и за имплементирањето на придобивките од новата добрососедска реалност.
На средбата присуствуваа и заменик – премиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а Заев нагласил дека се остварени сите неопходни очекувања од земјата испорачани на минатогодишниот состанок на Европскиот Совет, вклучувајќи ги и уставните промени за името на земјата, и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот Совет за почеток на преговорите во октомври.
– Таквата одлука ќе биде јасна порака и за другите во регионот дека вреди да се вложува во реформите и во унапредувањето на билатералните односи во регионот, како и во регионалната соработка. Ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот, рекол премиерот.
