Заев го покани Ѓоковиќ во Охрид
Премиерот Зоран Заев го покани најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, кој има голем број на свои фанови во Македонија, да го посети Охрид, откако по победата на Вимблдон се вклучи заедно со својот тренер во живо на Инстаграм и ја запеа „Македонско девојче“. Воедно тој рече дека би сакал во моментот да е во Охрид и побара да му испратат фотографии од туристичкиот бисер.
„Драг Новак Ѓоковиќ, твојата изведба на преубавата "Македонско девојче" нѐ воодушеви сите во нашата земја. Прекрасно е чувството кога Ас како тебе се обраќа со почит и љубов на нашиот македонски народ и на сите граѓани во Северна Македониа. Те чекаме во Охрид и Скопје и на сите други убави места, тука во нашиот мозаик од култури и вредности. Ти упатувам отворена покана во име на Владата и во име на нашите граѓани. Воедно, те следиме на Вимблдон и ти посакуваме успех“, напиша Заев на својот профил на Фејсбук.
Останува да се види дали Ѓоковиќ ќе ја прифати поканата и ќе израдува голем број на свои навивачи кои редовно ги следат неговите настапи на Гренд-слемовите и другите турнири.
