Заев го осуди говорот на омраза за Рашела Мизрахи
Фактот што имаме министерка од еврејската заедница е бенефит кон градењето заедничко општество, се огласи на Фејсбук, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Рашела Мизрахи, деновиве за жал видовме засилена употреба на навредлива содржина на социјалните мрежи, што не смее да биде прифатливо за кое било демократско општество, какво што е и нашето. Во овој важен момент, а пред да започнат предизборните кампањи, ги повикувам членовите и приврзаниците на сите политички партии, вклучително и на мојата СДСМ, како и сите функционери, да бидат одговорни во јавната комуникација, да избегнуваат и да отфрлаат говор кој содржи или може да поттикнува навреди и клевети и секогаш да иницираат суштински дебати по однос на важните прашања. СДСМ е против секаков вид говор на омраза, расизам и ксенофобија во нашата држава. Тоа секогаш остро сме го осудувале и ќе го осудуваме без разлика од каде доаѓа таквиот говор. Тоа, секако се однесува и на говорот кој на каков било начин е антисемитски или така може да се толкува. Ние сме партија предводник на концептот Едно општество за сите – концепт кој ја препознава и признава различноста како водечка сила на нашето општество. Фактот што македонската Влада има министерка од еврејската заедница, свои претставници во управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите, а СДСМ има организационен секретар кој беше раководител во Музејот на холокаустот, е само дополнителен бенефит кон градењето заедничко општество“, напиша Заев.

Oд ВМРО-ДПМНЕ претходно бараат разрешувања на владините и партиските советници кои преку Фејсбук коментираа дека новата техничка министерка Рашела Мизрахи наместо да се слика со партиско знаме треба да го стави еврејскиот симбол Давидова ѕвезда. Коментарот го објави советничката во СДСМ, Мерсиха Смаиловиќ која тврди дека опозицијата објавува лажни вести и дека нејзиниот став е против користење на партиски симболи од државни функционери.
