Заев-Главчев: Соработката меѓу Бугарија и Македонија се развива во позитивна насока
Соработката меѓу Бугарија и Македонија се развива во позитивна насока.
Ова е заклучокот по средбата на премиерот Зоран Заев и претседателот на Народното собрание на Бугарија, Димитар Главчев денеска во Скопје. Заев вели дека договорот со Бугарија отвора нови перспективи, а бенефит од него ќе имаат граѓаните на двете држави. Според него, со договорот се испраќа силна порака дека земјите сами можат да ги надминат сите отворени прашања, ако за тоа постои искрена политичка волја.
„Во очекување на ратификацијата на Договорот во парламентите на двете држави, веќе се воспоставени контакти меѓу бизнисмени од двете земји, што ќе придонесе за економски развој во државите и отворени се можности за соработка во повеќе области, како што се земјоделството и културата“ - стои во соопштението.
Главчев смета дека местото на Македонија е во НАТО и во ЕУ и дека Бугарија ја поддржува нејзината интеграција. Со договорот, како што наведе тој, се отворила нова страница во односите на двете земји, а сега парламентите треба да придонесат кон продлабочување на соработката.
