Заев: Европското законодавство сега ќе се преведува на македонски јазик, никој повеќе да не го нарекува „северџански“
Откако вчера Европската комисија го усвои предлогот на Преговарачката рамка за нашата земја, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на конференција пред Собранието објави дека македонскиот јазик сега во Брисел е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да стане службен јазик на Европската унија
„Тоа го сметаме за нешто нормално, стандардна работа, бидејќи согласно нашата лична карта во ОН и согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски и тој го користиме во меѓународната комуникација. Ова е апел да престанат со лагите оние кои велеа дека сме го изгубиле јазикот и да престанат да ни го навредуваат нарекувајќи го „северџански“. Ние зборуваме македонски јазик кој полека станува дел од големото европско семејство. Е тоа е патриотизам, грижа за татковината и македонскиот идентитет. Го повикувам ВМРО-ДПМНЕ да го поздрави тоа“, рече Заев пред законодавниот дом.
Лидерот на владеачката партија најави дека во првиот пакет преговори со ЕУ ќе се отвори поглавје 23 - правосудство и темелни права, поглавје 24 - правда, слобода, безбедност, економски критериуми, функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација, поглавје 5 - јавни набавки, поглавје 18 - статистика и поглавје 32 - финансиска контрола
„Оваа вест доаѓа по 19 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 15 години по кандидатскиот статус за членство во ЕУ Очекуваме наредната недела да започен дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво. Со овој опредлог се утврдуваат правилата и принципите по кои ќе се одвиваат преговорите за членство на земјата во Европската унија. Ова е процес што ни ја носи ЕУ дома, зпочнуваме нова фаза во нашето напредување и побрзо воведување европски стандарди во сите области и нашата интеграција во системот на ЕУ“, рече претходно Заев.
Тој е убеден дека под водство на институциите на ЕУ и германското претседателство предводено од канцеларката Ангела Меркел, Северна Македонија ќе ги започне преговорите и формално со меѓувладина конференција и отворање на поглавјата од првиот пакет
„Ова е многу сериозен процес кој може да го води само проевропска и демократска Влада предводена од СДСМ и коалицијата „Можеме“, смета Заев.
