Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заев е првиот кој допловил во Нивици по 40 години

Заев е првиот кој допловил во Нивици по 40 години

Изминатите 40 години не сме виделе некој тука да дојде со брод од другата страна, велат локалните жители на Псарадес, откако македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во неделата пристигна со брод во Нивици, на свеченото потпишување на договорот со Грција.

Малото рибарско место Псарадес останува изолирано зад границата. Најблискиот граничен премин со Македонија се уште е затворен.

Преминот Маркова нога – Герман не е во функција веќе половина век, затворен е во 1967 година, а грчкиот премиер Алексис Ципрас на првата средба со премиерот Зоран Заев по обновувањето на преговорите за името, во Давос во јануари, вети дека преминот ќе биде отворен.

Според репортажата на МИА поголемиот дел од жителите на Псарадес го поддржуваат договорот и сметаат дека со него работите ќе се придвижат, границите ќе се отворат и сето тоа го гледаат од економска гледна точка, поголеми можности за размена и соработка со другата страна.

Псарадес или на македонски Нивици е мирно рибарско местенце со околу 70 постојани жители. 

Жителите во Нивици разбираат и говорат македонски. Екипата на МИА на некои од нив им се обрати на англиски, но тие преферираа да комуницираат на македонски јазик.

Себе си се сметаат за Грци и дел од грчката држава, а со дел од нив со кои поразговаравме сметаат дека по потпишувањето на договорот, ќе се тргне напнатоста меѓу двете земји и ќе се овозможи послободна комуникација меѓу нивните граѓани. Поголемиот дел од жителите се постари, а претежно се занимаваат со риболов и туризам.


Слично

Поврзани вести