Заев до Силјановска: Одам кај Стево зошто сум претседател на СДСМ
Премиерот Зоран Заев и порача на кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска, дека ќе оди на митинзите на Стево Пендаровски во иузборната кампања затоа што таму е во својство на претседател на СДСМ, а не како премиер.
– Јас сум и претседател на СДСМ, и секако имаме право да имаме своја определба и став. Јас сум еден од двигателите на левицата и од владиното мнозинство. Соодветно на Уставот и законите во нашата земја направивме избор на кандидат зад кој стоиме. Стојам отворено, чесно и јавно за целиот концепт на Стево Пендаровски и зад Пендаровски затоа што не само што е мое право, туку е и моја обврска и должност да поддржам концепт и кандидат на овие избори. Респект и почит кон сите кандидати, никогаш никого не сум потценувал, но граѓаните треба да изберат помеѓу понуда и концепт, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Гордана Силјановска Давкова во синоќешниот ТВ дуел на Телма побара од нејзиниот конкурент за претседателските избори Стево Пендаровски да не го повикува премиерот Зоран Заев на своите кампањски собири бидејќи тоа е, како што вели таа, недозволиво.
- Премиерот има јавна државна функција и тој и министрите не треба да доаѓаат на собирите. Јас сум дел од креаторите на Изборниот законик и знам дека тоа е недозволиво - рече Силјановска.
Таа рече дека Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ држи говори и присуствува на нејзините собири затоа што нема статус на премиер.
Пендаровски на ова возврати дека законски нема ништо спорно во целата ситуација.
- Не ги користат државните ресурси. Јас гарантирам, не смее ниту еден најмал ресурс да биде ставен во мојата кампања. Не се користени владини возила и ништо слично - рече Пендаровски.
