Заев денеска прв ќе аплицира за пасош со „Северна Македонија“
Премиерот Зоран Заев денеска треба да биде првиот граѓанин што ќе аплицира.за нов пасош со името „Република Cеверна Македонија“. Барем ова тој го најави во последното интервју во саботата. – Јас ќе бидам првиот, во понеделник сабајле што ќе аплицирам, ќе го земам првиот пасош. Тоа се подготвени документи, министерот за внатрешни работи ми ги презентираше во вторникот на Владата и буквално, од петок ќе почне реализацијата. Еве уште едно ново исполнување од наша страна на Преспанскиот договор, наведе Заев во интервјуто за ТВ21. Инаку по правило од 1 јули требаше пасошите што ќе се издаваат да бидат со новото уставно име Република Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор. Ова претходно го потврди и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на седница за пратенички прашања во Собранието.
Што се однесува за рокот на важење на личните документи (лични карти, пасоши и возачки дозволи) со старото име, истите ќе важат согласно законската регулатива и тоа пасошите и возачките дозволи ќе треба да се заменат најкасно до 12.02.2024 година, додека за важноста на личните карти граѓаните ќе бидат известени затоа што Законот за лична карта сеуште е во собраниска процедура.
Во меѓувреме имаше и надградбата на системот за лични документи која се правеше пред неколку недели, која се правеше поради имплементирање на новото име.
