Заев даде објаснување зошто не се појавува во јавност
Премиерот Зоран Заев во денешното соопштение, меѓудругото, даде објаснување дека не се појавува во јавноста, односно не дава изјави за трагедијата со ковид модуларната болница во Тетово за да не влијае на истрагата.
„Овие денови, внимателноста при јавните комуникации е исклучиво заради потребата на ниту еден начин да не се влијае врз темпото и квалитетот на истрагата, но целиот процес се води целосно транспарентно и според највисоките институционални стандарди и протоколи“, се вели во соопштението до јавноста.
Најавува дека во текот на следната недела ќе ги соопшти ставовите на Владата според фактите од истрагата на прес-конференција на која ќе одговарел, како што вели, на сите прашања од медиумите.
Заев трет ден по несреќата во која при експлозија во модуларната болница во Тетово изгореа 14 лица, од кои поголемиот дел ковид-пациенти, се уште нема дадено изјава за медиумите.
Тој заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и министерот за здравство Венко Филипче вечерта на 8 септемрви стигнаа кај модуларната ковид-болница во Клиничкиот центар во Тетово, и направија обиколка на болницата, на кратко разговараа и со роднините на лицата кои биле во болницата, но не се соочија со медиумите.
Утредента на социјалните мрежи по владината седница објави дека е прогласена тридневна жалост и дека ќе се обезбедат странски експерти за истраги при експлозии и пожари. Во меѓувреме министерот за здравство Венко Филипче одржа две прес-конференции, од кои на втората ја понуди својата оставка. Според процедурите, по оваа објава на министерот Филипче, премиерот Заев треба да одлучи дали ќе ја прифати понудената оставка.