Заев даде коментар за најавата дека Боки 13 ќе се кандидира за лидер на СДСМ
Премиерот Зоран Заев со доза на сарказам ја искоментира најавата на Бојан Јовановски - Боки 13 дека би се кандидирал за претседател на СДСМ.
Заев објасни дека прво мора најмалку пет години да е член на партијата, а може, како што рече, да се соберат и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе му дадат поддршка. За идејата на Јовановски вели дека прави шоу.
„Јас одговорив. Еве пак ќе кажам, значи бандити и криминалци останува веројатно да прават шоу во делот на шоуто кое што и претходно го правеле. Процесите, заради тоа што премиер го пријавил случајот и заради тоа што премиер по сите основи не се ни осудил да прифати барање да му се помогне на Боки 13, туку како и сите граѓани си одговара по основа на закон, по буквар како што се вика, како што и секој во државата треба да одговара. Веројатно се случуваат веќе вакви шоу од страна на шоуменот Боки 13, односно криминалец потврден со судска пресуда во овој дел. СДСМ има квалитетни кандидати“, вели Заев.
СДСМ донесе одлука на 21 март да се одржи вонреден конгрес каде што ќе се гласа за новиот претседател на СДСМ како и за негови соработници.
Јовановски пред вчерашното судење за Меѓународен сојуз потврди дека ќе се кандидира за претседател додавајќи дека повеќе детали јавноста ќе добие во форма на соопштение. За случајот „Рекет“, Боки 13 доби затворска казна од 9 години.
