Заев чека фидбек од Ахмети, Гаши и Тачи за владината реконструкција
За смените во Владата по партиската чистка премиерот Заев очекува да добие фидбек веќе оваа недела и од лидерот на ДУИ Али Ахмети, од Алтернатива на Африм Гаши, Мендух Тачи од ДПА, како и од сите претставници на коалициските партнери, со кои разговорите се во тек.
Тој не кажува бројка на министри кои би можеле да бидат сменети.
-Бројката не ја кажувам. Имајќи предвид дека досега се променети шест министри – за култура, правда, образование и тројца без ресор, јас сум блиску до вкупната бројка од една третина. Што значи првпат во јавноста се отвора дебата дека ќе одиме со избор на Влада, зашто ако сменам само двајца или повеќе од двајца го исполнувам лимитот од најмалку една третина за да има реконструкција на влада. Тоа е советот од министерката за правда и правници со кои што разговаравме, што значи ќе има повеќе од тројца и во такви околности секако ќе ги соопштиме навреме кога ќе ги донесеме сите одлуки, рече премиерот Заев.
Од функцијата се разрешени целиот Извршен одбор, сите шестмина потпретседатели на партијата, тројцата секретари и координаторката на Форумот на жени. Премиерот и лидер на партијата Зоран Заев по седницата најави дека ќе следи промена и на повеќе министри во Владата, како и заменици и други функционери. При тоа кажа дека гледа никаква причина да понуди оставка од премиерската функција.
-Ќе има промена на министерските позиции, заменици министри и други функционери во владата, како и директори на ЈП, агенции, АД во државна сопственост, секаде каде буквално нема резултат, односно се покажала ароганција, се немало доблест, се намело демократски капацитет, успешност, ќе се случат промени. Ќе бидат, исто така сериозни какви што се овде во политичката партија, бидејќи само така е во ред, рече Заев.
