Заев: Без разлика на сведочењето на Верушевски, Мијалков сепак бил директор на УБК
Премиерот Зоран Заев денеска пред медиумите рече дека без разлика на последното сведочење на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски дека екс-шефот на македонската Влада, Никола Груевски, и преостанатите пребегани надвор од земјата - Горан Грујевски и Зоран Бошковски се најодговорни за илегалното прислушкување, Сашо Мијалков како обвинет во „Таргет Тврдина“ не може да биде заобиколен од одговорност затоа што тогаш бил директор на УБК.
„Професорот Верушевски е мој советник, јас сум голем пријател со него. Фактите како и да бидат кажани не ја менуваат нивната суштина и вистинитост. Токму во времето на Груевски се случуваше ваквата узурпација на човекови права, преку прислушување на 20.000 граѓани. Исто така, недвосмислен факт е дека шеф на државната безбедност во тоа време бил Сашо Мијалков и од тоа нема бегање. Одговорност има и тој што ја водел УБК, што овозможил да бидат прислушувани толку многу граѓани. Токму филозофијата на потврдувањето кој е корисникот на тие податоци е пораката која Верушевски ја испрати во судскиот процес“, рече денеска Заев.
Верушевски вчера како сведок алудираше дека првообвинет треба да биде Никола Груевски, затоа што тој го нарачувал прислушкувањето. Тој обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков воопшто не го спомна дека имал каква било вина за прислушувањето.
