Заедничка стратегија за спротивставување на поплавите во Полог
На дводневната работилница финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Швајцарскиот Секретаријат за економски прашања, претставниците на општините на Полошкиот регион се согласија дека за подобро справување со ризиците неопходно е да се преземат мерки за создавање на функционален механизам со учество на сите засегнати страни.
Само во период од неколку години во регионот се случија неколку поплави кои однесоа човечки животи и направија голема материјална штета.
- Како што времето и местото на појавата на поплавите и нивниот интензитет не зависат од административните граници на општините, така и управувачкиот одговор на локално ниво ги надминува границите на индивидуалните општини. Проектот, покрај значајни инвестиции, ќе обезбеди долгорочна визија и детален план за постепено намалување на ризикот од поплавите преку учество на бројни институции на локално и централно ниво и споделување на ресурсите - изјави Димитрија Сековски, раководител на програма во УНДП.
На работилницата беа презентирани можните облици на соработка што ги нуди Законот за меѓу општинска соработка (МОС), од кои, во рамките на работилницата треба да произлезе предлог за најсоодветен облик во согласност со заедничките цели и ресурсите со кои општините располагаат.
