Задутре се отвора новата сала „Расадник“ во Кисела Вода
Скопје добива старо-нов ракометен дом. На 11 јуни свечено ќе биде пуштена во употреба целосно реконструираната спортска сала „Расадник“ во Општина Кисела Вода, објект кој во иднина ќе има значајна улога во развојот на спортот и младинските категории во главниот град.
Под мотото „Расадник на шампиони“ и слоганот „Дом на спортот. Дом на идните шампиони“, свеченото отворање ќе биде од 10:30 часот во организација на Министерството за спорт, Град Скопје и Општина Кисела Вода.
За посетителите е подготвена богата програма со спортски демонстрации, дружење со познати македонски спортисти и репрезентативци, како и можност за разгледување на новите капацитети на салата.
Во рамките на настанот ќе биде организиран спортски фестивал со презентација на повеќе спортови, средби со спортски легенди и актуелни шампиони, како и свечена церемонија на отворање.
Дополнителна важност на овој објект му дава и фактот што салата „Расадник“ од следната сезона ќе биде домашен терен на шампионот Вардар во натпреварите од македонското првенство, а влезот за сите посетители ќе биде слободен на денот на отворањето.
