ЗАЧЕСТИЈА СЛУЧАИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: Зошто луѓето се агресивни и посегнуваат кон послабите од нив?
Психичките болести, пороците, недоволното воспитување, но и целокупната ситуација во општеството според психијатрите придонесува за зачестената појава на семејно насилство.
Психијатрите објаснуваат дека е многу важно во каква средина растеле луѓето и тоа се одразува на нивното однесување.
„Целокупната состојба во општеството си има влијание. Беспарицата за сите нас е проблем, но тука се работи и за карактер, слаба едуцираност. Ако мажот од мали нозе е учен дека не треба да биде насилен со жените, тој во иднина нема да напаѓа жени. Сигурно дека има и луѓе со психички проблеми, на кои им треба стручна помош, кои не се свесни, нема кој да им помогне, да ги донесе на психијатар. И земање на некои средства, на опијатни средства, алкохолизам исто е фактор за насилство. Значи постојат и насилници кои се маскирани и добро манипулираат пред јавноста и во било кои односи“, вели психијатар од Куманово.
Фросина Ивановска, психолог во Женски Центар за поддршка – Скопје вели дека ни недостасуваат сериозни истражувања и студии кои ќе дадат појасна, но и точна слика за состојбата со насилството во нашата земја, односно колку е зачестено, кои ризик фактори најчесто се јавуваат, но и што се случува со пријавите за насилство, каков е одговорот на инстиуциите и колку она што се нуди соодветствува на потребите на жртвите.
„Би рекла дека можеби позачестеното медиумско известување за случаите е еден од факторите кој влијае во насока на поголема видливост на проблемот. Она што можеби почесто треба да се прави е случаите да се следат подолго време, особено онаму каде има повеќекратни пријави за насилство, а отсуствува конкретна заштита од системот. Мислам дека на сите чинители на сите нивоа им е многу јасно што треба да се направи, главно треба да има стабилна финасиска поддршка за одржливост на специјализирните услуги кои работат со жртви и деца, но и со сторители, и овие услуги да се развиваат и да стануваат побројни. И од друга страна треба да се посвети внимание на селекција на професионалци во институциите кои ќе работат на тематиката поврзана со насилство и нивна континуирана едукација на тематиката“, вели Ивановска.
Има денови кога полициските билтени се полни со пријави за семејно насилство. Вчера имаше пријави дека скопјанка и кумановка добиле ќотек, едната од вонбрачниот партнер, другата од сопругот. На 18 јануари, во семејниот дом во Ново Лисиче, внук ја уби својата баба. 28 годишниот скопјанец ја нападнал баба си удирајќи ја по главата и вратот, а потоа ја задушил.
На 24 месецов, во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар, го уапсиле 50-годишниот гостиварец П. М. Тој ја претепал својата мајка, а се заканувал и на братот. Пред неколку дена, постара гостиварка пријавила дека синот и снаата ја малтретирале. На 20 јануари, имаше пријави дека мажи од Велес и Охрид ги претепале сопругите. На почетокот на годинава, почина двегодишно дете од Кичево откако таткото го претепал. Претепано мало дете имаше и во Струмица. И лани имаше многу случаи на семејно насилство, а во Кочани маж уби жена, додека во Куманово, маж ги уби сопругата и нејзината мајка, а потоа се самоуби.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
