ЗАЧЕСТИЈА ПОПЛАКИТЕ ЗА ФЕЈСБУК И ИНСТАГРАМ – Граѓаните бараат помош за хакирани и лажни профили, но и за клевети и уцени
Голем број граѓани минатата година се соочиле со злоупотреби на нивните профили на социјалните мрежи, со објава на фотографии, видеа или адудио снимки на туѓи профили, или пак со навреди, клевети и уцени преку Интернет. Најмногу проблеми имало со социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“, но проблеми за кои се жалат граѓаните имало и за другите социјални мрежи.
До Агенцијата за заштита на личните податоци во текот на минатата година биле поднесени најмногу претставки или 77 проценти од вкупниот број претставките биле за злоупотреби поврзни со социјалните мрежи.
- Според причината за пријавување, најкарактеристични се претставките од физички лица кои се однесуваат на лажни профили, понатаму за пробиени (хакирани) профили, претставки кои се однесуваат за објавување на туѓи фотографии, видео и аудио снимки на туѓи профили на социјални медиуми, како и претставки кои што се однесуваат за навреда, клевета и уцена преку интернет.
8 претставки се однесуваат за откривање на сторител, додека пак 2 претставки се однесуваат за барање на инструкции за заштита при пристап на социјалните мрежи. Од вкупниот број на претставки 9 се однесуваат на повреда на правото на заштита на личните податоци на малолетни лица на социјалните мрежи.
Според социјалната мрежа на која се однесуваат претставките, најголемиот број се однесуваат на Facebook (116), потоа на Instagram (103) и дополнително одреден број од претставките (18) се однесуваат на YouTube, TikTok, Twitter, Snapchat и други – пишува во Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на личните податоци.
Од таму посочуваат дека во текот на минатата година било постапувано по вкупно 300 претставки, од кои 284 се поднесени од физички лица, 16 од правни лица. Од вкупниот број претставки 203 се поднесени електронски, 97 се поднесени писмено. Притоа е утврдено дека од вкупниот број претставки 77 отсто се за злоупотреби на социјални мрежи, 23 проценти за друг вид на претставки од областа на заштита на личните податоци.
- Причини за поднесени претставки по категории (во проценти од вкупниот број претставки) 23 отсто од претставките се однесуваа на директен маркетинг, неможност за повлекување на дадена согласност, не овозможување на услови за остварување на правата на субјектите на лични податоци, особено правото на пристап, исправка или бришење на лични податоци, обработка на лични податоци преку системот за вршење на видеонадзор, не обезбедување претходно информирање на субјектите на лични податоци во однос на собирањето, обработката и чувањето на личните податоци – пишува во извештајот на Агенцијата.
П.О.
