Забрзан чекор во 21 век-Живот во мрак исполнет со самотија и сиромаштија!
На неколку километри од центарот на Скопје, блиску до метрополата, а сепак далеку од цивилизација -без струја, на свеќа, живее Нада Цветкоска. Пред 26 години се доселила во трошна куќа во скопската населба Автокоманда, а животот од ден на ден станувал се посуров. Нема работа, ниту пари. Преживува со продавање на чаеви, лековити билки и растенија. Понекогаш чисти скали во зградите во населбата. Колку да преживее. Во зима вели и е најтешко.

Соседите вели ја познаваат и често и помагаат. Ја посетиле и од Црвениот крст. Но Нада не сака милостина, ниту сожалување, туку работа да може сама да си ги подмири сметките. Се сеќава дека минатата година, на седми јануари, кога сите семејства се собираат околу божиќната трпеза, неа ја дочекал мрак пред домот. И ја исклучиле струјата.
“Од Црвениот крст ме посетија минатиот месец, ми донесоа пакет со храна.
Обично сама се борам во животот, природата ми помага. Носам дрва и се снаоѓам.
Навечер живеам на свеќа навечер. Во 21
век купувам свеќи, и за греење и за осветлување. Имам заостанат
долг од 3000 евра, а користев само една
сијалица во собата каде спијам и една во шупа”- додава Нада.
Одамна ја прекинала комуникацијата со нејзините деца. Таа тема за неа е
затворена, бидејќи најмногу боли. Вели судбината сакала да живее сама. Иако со
години работела, на хартија нема ниту еден ден работен стаж. Па така, наместо
да се надева на пензија, таа се моли институциите да и помогнат за нова шанса.
Верува дека маките ќе и завршат.
“Сите сакаме да живееме убаво, да се функционира, но како деца да живеат тука. Зарем не сакаат да имаат пристоен дом, телевизија, струја, вода, своја соба. Да можат да донесат пријатели, другари, девојки. Тешка е сиромаштијата. Досега многупати сум работела, но немам ниту еден ден работен стаж. Под завод се пријавувам од 30 мај 1985 година. Да имав барем неколку години, да бев пријавен, за некоја година ќе одев во пензија. Чистам скали во згради, собирам чаеви, лековити билки, штавеј. Продавам за да се прехранам”—објаснува Нада.
За маката да биде уште поголема, над глава и виси нов проблем. Трошната куќа во која живее е во сопственост на општината Гази Баба. Стравува дека може да остане без кров над глава, доколку општинските власти решат да ја иселат.
“Местото каде живеам е општинско, клучот во 1992 година ми го дадоа од општината. Други ми рекоа дека местото е под рудници и железарници. Стравувам дека и ова што го имам како прибежиште може да го изгубам. Кога немаш пари и работа, немаш ништо. Да работам ќе можам да направам договор и да си ги подмирам сметките. На рати, ако може. Ама нема, никој не ми излегува во пресрет. На институциите им порачувам да воведат ред, вработување за секој граѓанин. Да може да си дочекаат пензија. Апелирам, да не дозволат никој да ја минува мојата мака. Никој да не стигне до ова дереџе. Никому не пожелувам да ја има мојата судбина. Само така може да одиме напред”- порачува Нада Цветкоска.
Иако нема струја, основни услови за живот, ниту телевизор или радио за да може за миг да ги оттргне мислите, шеесет годишната жена вели на најтешкиот начин ја научила животната лекција, дека полоша од самотијата е сиромаштијата. Нада се надева дека институциите и хуманите граѓани ќе ја слушнат нејзината мака и скромна желба и ќе и помогнат, во 21 век да не го живее секој нов ден во мрак.
