Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДУИ не смее многу да пимпла, зошто се повеќе губи

ДУИ не смее многу да пимпла, зошто се повеќе губи

ДУИ треба да одлучи час поскоро зашто очигледно е дека двомесечното одлагање не им донесе факторизирање меѓу гласачите, туку вртоглав пад на рејтингот. ДУИ е во лоша позиција, но јасно е дека секој друг маневар освен брзо формирање на влада ќе им донесе уште поголема внатрепартиска криза- вели за Фактор, граѓанскиот активист Марјан Забрчанец. Изворот на омразата и поделбите  според него е познат, доаѓа од радикални индивидуи и групи поттикнати и поддржани од владејачката партија за да создаваат привид на поголема криза, да ги плашат граѓаните  за да го привлекуваат вниманието на јавноста кон себе, а подалеку од борбата против криминалот и создавањето на новата влада.

“Она што треба да не прави спокојни е трендот на неуспех на ваквите обиди за меѓуетнички и меѓуграѓански конфликти. Жешки глави секогаш ќе има, клучно е што мнозинство од граѓаните научија да ја препознаваат оваа ниска пропаганда и да ја отфрлаат со згрозување. Ако се следи трендот од изминативе две-три години, може да се види дека коруптивниот начин на владеење ја губи поддршката од граѓаните”- смета ЗАбрчанец.

 Критиката кон неодговорните политичари како што вели  станува погласна, а обидите за креирање дополнителни конфликти меѓу граѓаните не успеваат.

“Овој процес мора да биде темелен, а тоа значи бавен, и да резултира со нов, подемократски начин на дејствување на политичките субјекти и со меѓуграѓанска и меѓуетничка сорабoтка во интерес на обезбедување подобар живот за граѓаните.

Улогата на меѓународниот фактор останува важна и потребна, особено ако се има предвид стратешката ориентација на земјата и големата поддршка што граѓаните ја даваат за демократско интегрирање кон западот”- нагласува граѓанскиот активист.

Најсилен  борец против лошите политики според Забрчанец е граѓанскиот сектор кој 25 години дејствува во одбрана на човековите права, во поддршка на граѓаните на кои им треба помош, во поддршка на јавниот интерес, солидарноста, соживотот, но и како контролор и поддржувач на работата на институциите во времето на сите влади.

“Таканареченото движење од тројца радикали “СОС” е производ на обидите на Груевски да го замолкне кренатиот граѓански гласи да создаде нов квази-невладин сектор кој ќе биде контролиран директно од една партија. СОС е примерот за тоа какви “невладини” планираат да создаваат и затоа ваквите изблици на лажни вести, клевети и омрази треба да бидат јасно посочени и отфрлени од демократските групи и заедници во Македонија”- потенцира Марјан Забрчанец.

Во таа насока, потенцира дека  повеќе од 120 организации се здружија во одбрана на граѓанското општество и дадоа јасен одговор на обвинувањата со кои се дискредитира секторот - ги демантираа и ги отфрлија како неточни, тенденциозни, погрешни и лажни и побараа од пошироката домашна јавност заштита на граѓанскиот сектор.

 “Непреченото дејствување на граѓанскиот сектор како силен критичар и коректор на властите мора да се обезбеди зашто тоа е гарантирано со член 20 од Уставот на Репупблика Македонија според кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат”- порачува граѓанскиот активист.

На креаторите на овој удар врз граѓанскиот сектор, вели  не им смета Џорџ Сорос, туку критичкиот глас на граѓаните кој очигледно е мнозински во Македонија. Нив им смета што стотици илјади граѓани  побараа да им се слуша гласот и да се владее чесно и одговорно во државата.

С.Б.

Слично

Поврзани вести