ЗАБРАНА ЗА ПРИБЛИЖУВАЊЕ И ЗА ВЛЕЗ ВО ОПШТИНА - Обвинителство со низа мерки по случувањата во општина Арачиново
Забрана за приближување до градоначалникот на општина Арачиново, но и забрана за посетување на просториите на општината доби 69 годишниот арачиновец кој пред неколку дена насилно влегол во просториите на општината и им се заканувал на градоначалникот и на вработените.
Од Основното јавно обвинителство Скопје соопштуваат дека поведена е постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторило кривично дело – Насилство согласно член 386 став 1 од Кривичниот законик.
- Осомничениот, 69-годишен арачиновец, на 23 мај без дозвола влегол во канцеларијата на градоначалникот, насилно барајќи да му се додели земјиште во надлежност на Општина Арачиново. Откако не го нашол во канцеларијата, го пресретнал градоначалникот во дворот, започнал грубо да го навредува, да му се заканува и насилнички да се однесува - се наведува во соопштението.
Од ОЈО додаваат дека, со цел обезбедување на присуството на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, забрана за посетување на службените простории на Општина Арачиново, како и забрана за приближување или воспоставување контакти со градоначалникот.
Фактор пред два дена објави дека полицијата презема мерки за расветлување на заканите по живот на градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими кој пријавил во полиција дека добил закани по живот. Полициските служби по добивањето на информацијата излегле на терен каде ги испрашале вработените кои биле сведоци на настанот. Од безбедносните камери го идентификувале лицето кое упатило вербална закана, но не се знае дали во тој момент било вооружено. Според сведоците, се слушало викање и пцуење, додека полицијата спречила група луѓе да влезат во зградата на општина Арачиново.Вчера се огласи и поранешниот градоначалник на Арачиново, Брахим Ајвази откако општината стави клуч на врати и актуелниот градоначалник Ридван Ибрахими пред медиумите рече дека нема услови за работа по претрпените закани.
Ајвазиј во изјава за ТВ21 вели дека земјиштето не е узурпирано туку со него управува неговото семејство и, како што рече, некои други сиромашни семејства Според него, ова земјиште се користи веќе десет години и овие семејства живеат од истотот. Тој негира дека му се заканувал на градоначалникот.
- Каков напад е тоа ако отидеш лично и бараш документ или му однесеш документ и тој побара полиција и обезбедување? Полицијата со командирот и петмина полицајци кога отишле таму биле сведоци и велат дека немало никаква закана. Беа административните работници, немаше никаква закана. Има камери! - изјави Брахим Ајвази, поранешен градоначалник на Арачиново, а бараше и вклучување на Али Ахмети во процесот на помирување.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
